Вкупно 36 милиони евра е износот на странските директни инвестиции кои влегле во земјава во јануари оваа година, покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија. Притоа, на класично инвестирање отпаѓаат 22,5 милиони евра, односно сопственички капитал и реинвестирана добивка, што според аналитичарите, е најбитниот дел од инвестициите, бидејќи тој е она чисто вложување што овде го прават странските компании. Додека, пак, другите 13,5 милиони евра се должнички инструменти, и тоа како вложување на директниот инвеститор во претпријатието во кое се инвестира, односно обврски, се пресметани 7 милиони евра, а на повратно вложување, односно средства, отпаѓаат 6 милиони евра.
Вкупно 36 милиони евра е износот на странските директни инвестиции кои влегле во земјава во јануари оваа година, покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија.
Притоа, на класично инвестирање отпаѓаат 22,5 милиони евра, односно сопственички капитал и реинвестирана добивка, што според аналитичарите, е најбитниот дел од инвестициите, бидејќи тој е она чисто вложување што овде го прават странските компании.
Додека, пак, другите 13,5 милиони евра се должнички инструменти, и тоа како вложување на директниот инвеститор во претпријатието во кое се инвестира, односно обврски, се пресметани 7 милиони евра, а на повратно вложување, односно средства, отпаѓаат 6 милиони евра.
Првиот месец од годинава со влезени 36 милиони евра странски пари може да се смета како солиден, и како продолжување на традицијата од последните два месеца од лани, ноември и декември, во кои дошле 38 и 35 милиони евра соодветно. Покрај овие, добри на планот на инвестициите биле и февруари, со 37 милиони евра, како и најуспешниот - март, кој донел странски инвестиции од 44 милиони евра. Најлош месец, пак, лани бил октомври, кога наместо влез имало одлив од нешто над 9 милиони евра, како и јуни кога влегле не цели два милиони евра.
Инаку, вкупно во текот на цела мината година во земјава влегол странски капитал тежок 262 милиони евра, што е само 10 милиони евра повеќе од 2013, кога се инвестирани 252 милиони евра. Овие суми, пак, се повеќе од двојно повисоки во однос на 2012, која заврши со исклучително слаб инвестициски резултат, од 111 милиони евра.
Кога станува збор за минатата година, треба да се напомне и дека за неа Владата очекуваше да се привлечат 300 милиони евра, што значи дека проекциите, сепак, не се оствариле за околу 40-ина милиони.
Инаку, податоците на НБМ покажуваат дека за цела 2014 најголем инвеститор во земјава всушност била Швајцарија, од каде „допатувале“ инвестиции од 127 милиони евра. Уште поинтересен е фактот што лани во земјава биле вложени 53 милиони евра од еден од даночните раеви, островите во Карипско Море, Сент Винсент и Гренадини. Од Обединетото кралство биле инвестирани 44 милиони евра, а од Унгарија 43 милиони евра. Најголемо повлекување на капитал, пак, било регистрирано од Франција, над 109 милиони евра.
Кога станува збор за инвестициите, факт е дека во последниов период повеќе странски компании одлучија да го вложат својот капитал на наша територија, особено во слободните индустриски зони. Во нив се остварија значаен број вработувања, кој според министрите во Владата, изнесува неколку илјади лица. Но, критичарите потенцираат дека странските компании кои работат во зоните добиваат и значајни бенефиции од државата, во смисла на ослободување од даноци и придонеси, бесплатен закуп на земјиштето, субвенции за обуки на вработените, и слично. А за возврат на тоа, пак, голем број од работниците во овие компании не можат да се пофалат со солидни плати, напротив, кај многу од нив се исплаќа минималната или нешто над оваа плата, што како да го затемни сонот за странски инвестиции. Со најновите мерки за поттикнување на вработеноста, пак, кои неодамна беа најавени, дел од аналитичарите сметаат дека на некој начин ќе се исправи неправдата кон домашните компании, кои сега ќе бидат ослободени од придонеси за новите вработувања, но од друга страна, пак, овие ослободувања сигурно ќе ги намалат буџетските приходи кои биле планирани.
Инаку, како најуспешни години досега се' уште остануваат 2007, со околу 506 милиони евра и 2008 кога, биле инвестирани 400 милиони евра. Следната 2009 година, кога длабоко навлезе кризата, заврши со 144 милиони евра инвестиции, 2010 имаше 160 милиони евра, а веќе во 2011 инвестициите се искачуваат на 344 милиони евра.